Македонија

Пациенти умирале оти им била давана несоодветна терапија на Клиниката за Онкологија во Скопје

Пациенти умирале оти им била давана несоодветна терапија на Клиниката за Онкологија во Скопје

Кај 29 пациенти се давале нови и скапи лекови спротивно на стручните онколошки упатства, со грешки во дозирањето и во фазата на болеста. Во дел од случаите, лекови се препишувале и раздолжувале со туѓи лозинки и факсимили, без валидна медицинска проценка. Кај повеќе пациенти биле дадени терапии и покрај тоа што се знаело дека нема да имаат ефект поради напредната состојба и телесната слабост.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе две обвиненија до Основниот кривичен суд за аферата „Онкологија“, во кои се опфатени вкупно шест лица – двајца поранешни директори на Клиниката за онкологија и радиотерапија и четворица лекари онколози. Обвиненијата се однесуваат и на економски криминал во вредност од над 45 милиони евра и на тешко нарушување на здравјето на пациенти преку несовесно лекување.

Првото обвинение се однесува на економското работење на Клиниката, каде што се теретат поранешниот медицински директор и организацискиот директор. Тие се обвинети за продолжени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата. Според обвинителството, од 2018 до 2022 година, тие преку противзаконити јавни набавки и фиктивно раздолжување на лекови му нанеле штета на Буџетот на државата од над 2,2 милијарди денари, а прибавиле корист за добавувачи од дополнителни 430 милиони денари.

Меѓу најтешките обвинувања е и проневерата на лекови – со докази дека дел од терапијата не била дадена на пациентите, туку била фиктивно раздолжена. Кај девет пациенти се утврдени сериозни отстапувања, а медицинскиот директор, со помош на организацискиот, присвоил лекови во вредност од најмалку 13 милиони денари.

Второто обвинение се однесува на начинот на лекување на пациентите и вклучува четворица лекари онколози. Првиот обвинет, кој воедно е и поранешен директор, заедно со друга лекарка, се товари за продолжено кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето, како и несовесно лекување болни. Другите двајца лекари се обвинети за истото дело, извршено како серија поврзани активности.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни