Македонија

Павловска: Жените пријавуваат насилство, но остануваат незаштитени – институциите мора да понесат одговорност за фемицидите

Павловска: Жените пријавуваат насилство, но остануваат незаштитени – институциите мора да понесат одговорност за фемицидите

Институционални пропусти, недоволна заштита на жртвите, сомнежи за заплашување активисти и барања за правда за трагедијата во Кочани. Ова беа дел од темите за кои говореше граѓанската активистка Анастасија Павловска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Таа предупреди дека недовербата во институциите ги обесхрабрува жените да пријавуваат насилство и најави нов протест на 25 ноември.

Жените кои се соочуваат со семејно насилство често остануваат без соодветна институционална заштита, дури и кога случаите се пријавени во полиција. Ова го истакна граѓанската активистка Анастасија Павловска, посочувајќи дека последните случаи на фемицид во Македонија покажуваат сериозни слабости во функционирањето на системот.

„Голем дел имаат пријавувано, но потоа голем дел се откажале од самите постапки, бидејќи ја виделе целата институционална голгота низ која треба да поминат. Тоа ги обесхрабрува“, изјави Павловска.

Според неа, особено загрижува недоволната координација меѓу полицијата, центрите за социјална работа и обвинителството, поради што жртвите неретко се изложени на дополнителни ризици.

„Не зборуваме за политика, не зборуваме за тендери, не зборуваме за профити, зборуваме за човечки животи“, нагласи активистката.

Осврнувајќи се на случајот во Богданци, Павловска го отвори прашањето за одговорноста на образовните институции. Таа посочи дека, според информациите со кои располага, 17-годишното девојче цел месец не посетувало училишна настава, што требало да биде сигнал за проверка од надлежните служби.

„Во Богданци имаме случај каде што девојче на 17-годишна возраст, во средно училиште, не се појавувало цел месец на настава. Вие како наставник имате законска обврска да проверите со родителите што се случува“, истакна Павловска.

Таа го проблематизираше и спроведувањето на забраните за приближување, прашувајќи кој гарантира дека лицето против кое е изречена таква мерка нема повторно да ја загрози жртвата.

Како едно од решенијата го посочи воведувањето електронски алки за следење на почитувањето на заштитните мерки.

Павловска предупреди и на недостигот од капацитети за згрижување на жртвите на насилство. Повикувајќи се на наоди од Државниот завод за ревизија, таа наведе дека во земјава се потребни 184 легла, додека во 2025 година биле обезбедени само 67. Според изнесените податоци, наместо потребните 19 советувалишта, функционирале 11.

„Треба веднаш да се воспостави систем каде што ќе имаме итна координација меѓу Центарот за социјална работа и МВР. Понатаму, треба повеќе да се финансираат специјализираните услуги, како шелтерите и советувалиштата“, порача Павловска.

Во интервјуто таа изнесе и тврдења за сомнително снимање на организаторите на последниот протест против фемицидите во Скопје. Според неа, лице без видлива службена ознака ги снимало активистите, а подоцна добиле информации дека станува збор за лице поврзано со Агенцијата за национална безбедност. Овие наводи засега не се независно потврдени.

„Навистина, јас не се чувствував безбедно одреден период, но потоа сфатив дека тоа се само тактики за заплашување“, рече Павловска.

Посебен дел од разговорот беше посветен и на трагедијата во Кочани. Активистката оцени дека семејствата на жртвите заслужуваат не само судска разврска, туку и утврдување на политичката и институционалната одговорност.

„Не само да имаме правна правда, туку да имаме и политичка правда. Треба да видиме како самите политички структури се оградуваат од сите овие личности и институции кои придонеле за трагедијата во Кочани“, изјави таа.

Павловска упати критики и за односот на институциите кон граѓанскиот активизам, посочувајќи дека активистите често се соочуваат со дискредитации и обвинувања за политичка поврзаност.

Сепак, порача дека притисоците нема да ги запрат протестите и барањата за промени.

За 25 ноември најави нов протест против фемицидите, во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, како и бојкот на настани организирани од владините институции.

„Ќе правиме бојкот на сите настани што сакаат владините институции да ги одржуваат, бидејќи гледаме дека тие не си ја работат работата, а сега да ни рекламираат колку ги застапуваат правата на жените, децата и другите жртви на насилство – не ни треба тоа“, нагласи Павловска.

Таа побара итни законски измени, поголемо финансирање на услугите за жртвите, едукација за препознавање на насилството и конкретна одговорност за институционалните пропусти.

На крајот порача дека граѓанската борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди систем во кој секоја пријава за насилство ќе биде навремено разгледана, а жртвите ќе добијат вистинска заштита.

„Мислам дека во моментот кога ќе се обесхрабрам, системот ќе победи, а тоа не можам да си го дозволам“, заклучи Павловска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни