Пендаровски: Без опструкции од внатре, можеме да влеземе во ЕУ до 2030 година

Претседателот Стево Пендаровски смета дека францускиот претседател Макрон никогаш не рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, а за тоа потврда се и изјавите на француската министерка Бун која сигурно знае што мисли нејзиниот шеф и на Шарл Мишел кој е најблизок политички пријател на Макрон.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека се реални најавите оти до 2030 година земјава може да влезе во Европската Унија (ЕУ), а дури и порано без опструкции од опозицијата.

„Без внатрешни опструкции какви што гледаме за жал од македонската опозиција, можно е и пред тој рок и за тоа потврда и е госпоѓата министерка за Европа на Франција која рече дека може некои од државите на Западен Балкан да влезат пред 2030 година. Секој разумен човек ги знае аргументите ’за‘ и ’против‘. Ова е сосема јасна дилема, или си за Европа или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав? Како тоа ќе ја загрози Македонија? Меѓутоа, ако имаш политички причини чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт, па потоа да му ја мислиш за Европа или за две третини за Устав тоа е друга работа“, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека политичарите што подолго ги следат европските интеграции знаат дека изјавите на Макрон за внатрешното преуредување на ЕУ не се ништо ново.

– Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел кога зборува за внатрешно преуредување на ЕУ, вели ’ова што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години‘. Тоа е неговата стара идеја, продлабочување пред проширување или продлабочување заедно со проширување. Пред пет години. Во меѓувреме, претседателот Макрон нема ниту една изјава во која вели дека Западен Балкан нема да влезе додека не го направиме продлабочувањето – потенцира македонскиот претседател.