Македонија

Пендаровски: Имало разговори со Британија за мигранти во Македонија

Пендаровски: Имало разговори со Британија за мигранти во Македонија

Екс претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во гостување во емисијата „Политико“ на Инфомакс вечерва изјави дека во неговиот петгодишен мандат од Велика Британија никогаш не било официјално отворено прашањето за прифаќање мигранти во Македонија.

„Во моите пет години со мене, од страна на Велика Британија, било кое ниво претставник никогаш не го имало отворено ова прашање. Сум слушал дека на пониски нивоа – во рамки на МВР или меѓу директори на служби – се тестирал теренот, но никогаш не дошло до тоа да се разговара на владино ниво,“ изјави Пендаровски.

Тој додаде дека засега нема објавен договор за мигранти меѓу Македонија и Велика Британија и дека јавноста треба да го види содржајно, доколку постои.

„Не мислам дека нашите власти договориле прифатни кампови и дека тоа се крие – тоа не може да се скрие, ќе се открие. Но, според моите информации, разговори навистина имало,“ рече Пендаровски.

Изјавата доаѓа во момент кога британскиот премиер Киер Стармер се приближува кон постигнување договор со земјите од Западен Балкан за формирање центри за обработка на мигранти надвор од територијата на Обединетото Кралство.

Според британскиот Политико, оваа недела во Хилсборо Касл, Северна Ирска, ќе се одржи самит на министрите за надворешни работи од Албанија, БиХ, Србија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија, каде што Велика Британија ќе иницира разговори за поблиска интеграција со европските партнери – но со фокус на миграцијата.

Велика Британија се обидува да ја намали бројката на илегални мигранти што преку мали чамци стигнуваат до британскиот брег, па затоа разгледува можност дел од лицата кои поднесуваат барања за азил да се процесираат во трети земји од регионот.

Двајца британски владини извори за Политико потврдиле дека на самитот неформално ќе се разговара за можни миграциски центри на Западен Балкан, но дека засега нема конкретен договор. Потенцијалното спогодбено решение би можело да се финализира на следниот состанок на регионалните лидери на 22 октомври.

Најчесто споменувана земја во британските медиуми е Косово, кое, според аналитичарите, има силни врски со Лондон и интерес за стратешко приближување кон Западот, а не финансиска корист.

Сепак, регионалните експерти предупредуваат дека секој ваков договор може да ја зголеми нестабилноста на Балканот и да предизвика нови безбедносни ризици, особено со оглед на влијанието на Русија во регионот.

Британскиот министер за надворешни работи Јвет Купер најави дека Лондон ќе издвои дополнителни 10 милиони фунти за борба против криумчарењето мигранти во Западен Балкан, како и зголемено присуство на дипломатски персонал во регионот.

Во оваа контекст, изјавата на Пендаровски ја потврдува чувствителноста на темата за можно британско „преместување“ на мигрантите во земјите од Балканот – прашање кое, според него, досега никогаш не било официјално побарано од Македонија, но за кое постојат индикации дека во минатото навистина се разговарало на пониски нивоа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни