Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели „следната година ќе мораме да работиме системски за да профункционира градот Скопје и да почне од нула, а потоа да почнеме и да го градиме“.
– Во суштина Скопје е град на солидарноста, но мизерно e што една метропола се доведе во ситуација да пука по сите шевови, а градскиот превоз е само еден од нив. Станува збор за неофицијална изјава од град Белград. Да почекаме што ќе се случи, па ќе донесеме конкретен став, рече Перински во одговор на новинарско прашање за коментар за најавената донација од 100 користени автобуси од Белград за градот Скопје, на денешната Платформа: 100% посветени за тебе – „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“ што се одржа во Владата.
Проблеми, како што кажа, Скопје има и со отпадот, со зеленилото, со депонијата Дрисла.
– Жал ми е што сме доведени во ситуација градот Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Ова не е проблем кој што е настанат од вчера и не е настанат откако оваа Влада стапи на функција, туку е проблем за кој говоревме многу подолго време во јавноста дека ќе се случува. Загрижен сум што во моментов обврските на градот Скопје кон добавувачите се околу 8 милиони евра, а неофицијални информации ми потврдуваат дека Водовод и канализација должи околу 15 милиони евра, Комунална хигиена околу 6 милиони евра, Улици и патишта 3,5 до 4 милиони евра, а за ЈСП нема жив човек на светот што може да го пресмета долгот, истакна Перински.