Јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ не може да се поделат меѓу скопските општини, законот не го дозволува тоа, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Градоначлниците од скопските општини побараа овие две претпријатија да се поделат на сите општини, и да се одземат од Град Скопје, и самите општини да си ги чистат улиците и да го одржуваат зеленилото.
„Надлежностите на Град Скопје се строго утврдени во Законот за локална самоуправа во член 22. Во ставот 4 точно е наведено дека делот од собирање, третирање и одлагање на комуналниот отпад е законска надлежност на Град Скопје и тука нема никаква дилема. За да се реализира барањето кое стигна од ЗЕЛС треба да се сменат неколку закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, што значи дека согласно постојните законски решенија, спроведување на нивното барање во моментот не е можно“, рече Перински.

