Македонија

Петрушевски: ДУИ додека беа дел од власта се согласија да се укине балансерот, сега само бараат причина за дестабилизација, прочитани се

Петрушевски: ДУИ додека беа дел од власта се согласија да се укине балансерот, сега само бараат причина за дестабилизација, прочитани се

На денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, истакна дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) додека беше дел од власта се согласила да се укине балансерот, кој беше идентификуван како злоупотребуван механизам во јавната администрација. Според Петрушевски, во 2023 година ДУИ учествувала во изготвувањето на Стратегијата за реформи во администрацијата за периодот 2023-2030, каде јасно било наведено дека балансерот треба да се укине поради злоупотреби.

„ДУИ прифати укинување на балансерот од позиција на власт и тогаш не повикуваа на протести. Сега, од опозициска позиција, почнуваат да злоупотребуваат етнички прашања со цел да предизвикаат дестабилизација“, изјави Петрушевски. Тој ги обвини поранешните функционери на ДУИ дека се обидуваат да го нарушат мирот бидејќи, според него, се плашат од одговорноста за злоупотребите извршени во изминатите 20 години.

Петрушевски нагласи дека за време на владеењето на ДУИ, стотици илјади граѓани ја напуштиле државата поради лошите политики кои вклучувале етнички тензии и корупција. Тој додаде дека ваквите методи повеќе не функционираат, бидејќи „ДУИ е прочитана книга и никој повеќе не им верува“.

Во својата изјава, пратеникот потсети и дека Европската комисија во своите извештаи нотирала дека балансерот се злоупотребувал, а ДУИ тогаш молчеше за да продолжи со злоупотребите. Според него, Македонија сега оди напред кон економска трансформација и владеење на правото, и е на пат да стане држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни