Македонија

Плата во плико! УЈП во офанзива против сивата економија: Затворени 113 објекти, секоја четврта фирма не издава фискална сметка

Плата во плико! УЈП во офанзива против сивата економија: Затворени 113 објекти, секоја четврта фирма не издава фискална сметка

Управата за јавни приходи (УЈП) објави загрижувачки податоци за даночната дисциплина во земјата. До крајот на ноември, даночните инспектори спровеле околу 4.000 контроли, при што резултатите се алармантни – изречени се над 2.500 глоби, а на 113 даночни обврзници им е ставен клуч на врата со забрана за вршење дејност.

Анализите на Управата покажуваат дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност, односно со неиздавање на фискална сметка. Ова, според УЈП, укажува на масовна појава на неевидентирање на готовинскиот промет, што е директен извор за финансирање на сивата економија.

„Плата во плик“ и нелојална конкуренција

Од УЈП предупредуваат дека проблемот е многу подлабок од самото нечукање на сметки.

„Овој факт укажува на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик. Овие практики се спротивни на законот, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат сериозни загуби за буџетот,“ се наведува во соопштението.

За да се спречи ова, УЈП испратила персонализирани пораки до казнетите обврзници, повикувајќи ги доброволно да поднесат исправки на даночните пријави и да го платат данокот. Доколку не постапат по повикот, најавени се дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет.

Засилени контроли за Нова година

Во пресрет на новогодишните празници, кога прометот е зголемен, УЈП најавува засилени инспекции. На „мета“ ќе бидат:

  • Ресторани и кафе-барови;
  • Дискотеки;
  • Сендвичари;
  • Други субјекти кои работат со готовински плаќања.

„Сомнителен промет“ детектиран преку ГПРС

Пред да започне казнената експедиција, УЈП спровела обемен процес на мониторинг. До 20 ноември биле реализирани 3.500 советодавни посети, но паралелно се вршеле и длабински канцелариски анализи преку ГПРС системот на фискалните каси.

Анализите откриле низа манипулации:

  1. Сомнително низок промет: Дел од обврзниците континуирано евидентирале идентичен или нереално низок дневен промет.
  2. Несоодветен капацитет: Утврдени се отстапки меѓу капацитетот на објектот (гужви во локалите) и пријавениот промет.
  3. Технички манипулации: Фискални апарати без налепници од сервисер, оштетени пломби и лажни локации на уредите.
  4. Финансиска недисциплина: Неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книга за дневни извештаи.

Од УЈП порачуваат дека целта на овие акции е усогласување со законските прописи, но и санкционирање на оние кои свесно го избегнуваат плаќањето данок на штета на сите граѓани.