Запуштената зелена површина на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје се уредува и наскоро треба да добие нов изглед, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според неговата објава, во тек се активности за целосно хортикултурно уредување на просторот и поставување ново зеленило. Целта, како што наведува, е запуштената површина, која граѓаните со години ја нарекувале „ливада“, да прерасне во мала зелена оаза и да се вклопи во изгледот на централниот градски плоштад.
Покрај хортикултурното уредување, заменети се и значително оштетените подни плочки на потегот кај Порта „Македонија“. Од градските власти најавуваат дека обновата на преостанатите оштетени делови ќе продолжи и во текот на следната недела.
Паралелно се работи и на обновување на подната фонтана на плоштадот.
Ѓорѓиевски во објавата наведува дека по завршувањето на активностите целиот простор треба да добие поуреден и современ изглед и да стане „вистинска разгледница на Скопје“.
Тој посочува дека уредувањето на централните градски површини е дел од заложбите за подобрување на изгледот на главниот град.