Градежните работи за плоштадот требаше да почнат 6 месеци по локалните избори кои се одржаа во октомври 2017. Ова е центарот на скопско Студеничани, место за кое актуелниот градоначалник Азем Садику, во предизборната кампања ветуваше дека по само 6 месеци ќе започнат градежните работи за реализација на овој проект. Ова ветување Садику го даде и во емисијата Клик Плус.
„За 6 месеци, бидејќи знам каква е состојбата, ќе се обидам да започне изградбата на плоштадот, тоа ќе трае малку подолго. Но, за 6 месеци ќе започнеме. Бидејќи е одобрен проектот и средствата ќе ги обезбедиме од Светска Банка. Како втор проект, за 6 месеци им ветувам на граѓаните и транспорт на отпадот. Изградбата на сите улички во населените места ќе продолжи, таму каде што има улички, Студеничани, Моране и Батинци, ќе почнеме за 6 месеци и потоа ќе продолжиме со изградба.“, рече Садику.
Ветениот рок измина, а работите не се ни почнати. За овој проект Садику на 5 октомври 2018 година преку статус на Фејсбук ги информираше граѓаните дека успеал да обезбеди фондови од Светска Банка.
„Со особено задоволство денеска потпишав договор за обезбедување средства за изградба и уредување на плоштадот во Студеничани. Средствата ги обезбедивме од Светска Банка преку Министерството за финансии на Република Македонија.“.
Но, и по ова известување, ништо не е изградено во центарот на Студеничани. ТВ21 се обиде да ја праша Општината зошто доцни реализацијата проектот, но никој од општината, ниту градоначалникот Азем Садику не сметаа дека треба да одговорат на овие прашања.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ