По ЈО денеска и Судски совет ќе расправа за одлуката на Апелација за случајот во кој Телеком треба да плати 4 милиони евра на човек фирма

На денешната Судскиот совет денес ќе одржи итна седница за разгледување и усвојување на извештај за работната група за констатирана состојба по предметот од Апелациониот суд Скопје. Вчера Основното јавно обвинителство Скопје за медиумите информираше дека оформен е предмет за случајот за кој со пресуда на Апелација, „Македонски Телеком“ треба да плати отштета од 4 милиони евра на штипската човек-фирма „Фокуснет“.

Станува збор за судски спор од 2008 година помеѓу штипската фирма Фокуснет и Македонски телеком откако Македонски телеком го раскинал договорот за изнајмување на интернет капацитети, поради неисплатени долгови.

Соработката помеѓу штипската фирма „Фокуснет“ и Македонски Телеком датира од 2001 и 2002 година кога бил склучен договор за изнајмување на интернет капацитети, договор кој бил раскинат од страна на Телеком поради неисплатени долгови.

По долгогодишен судски спор од 2008 година, Скопскиот граѓански суд пред две години ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком откако утврдиле дека се работи за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани средства.

Сепак ваквата пресуда минатиот месец Апелација ја преиначува во корист на штипската фирма која наместо првично побараните 2 милиони евра, сега треба од Телеком да добие двојно поголема отштета од 4 милиони евра. Пресудата е донесена без одржување на јавна седница и во период во кој повеќе пати биле менувани членовите на судечкиот совет, но не и главната судијка известител.

„Македонски Телеком работи согласно позитивните законски регулативи, почитувајќи ги истите во сите сегменти од своето работење. Истовремено за да ги заштити своите интереси компанијата ги презема и  понатаму ќе продолжи да ги презема сите правни дејствија за заштита на своите интереси согласно важечките закони. Во таа насока, компанијата продолжува да соработува со сите релевантни и надлежни институции, кои веќе постапуваат по овој предмет согласно своите надлежности. Ние веруваме во владеењето на правото и доследната примена на законите како највисоки вредности во секое општество и сметаме дека секое напуштање на тој принцип ќе биде идентификувано и соодветно коригирано во корист на сите чинители во општеството“, велат од Телеком на прашање од 4NEWS.mk

Судскиот совет денес заседава по претставка од Македонски Телеком во кој се изразува сомнеж за поврзаност помеѓу судијката од предметот со штипската фирма. Во претставката меѓу другото стои и дека блокираната сметка на штипската фирма е повторно активирана, само еден месец пред донесување на пресудата, што според нив укажува дека имале информации за исходот од судската постапка.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното