Во обид да им помогнат на илјадници семејства кои по силните земјотреси останаа без информации за своите најблиски, во Венецуела е активирана специјална онлајн платформа за пронаоѓање исчезнати лица. Иницијативата, наречена „Venezuela Te Busca“ („Венецуела ве бара“), веќе стана едно од главните места за размена на информации во земјата погодена од катастрофата.
Платформата ја развила претприемачката Јулија Алесандра Маријано, која за локалните медиуми потврдила дека системот е во функција, иако во првите часови се соочил со технички проблеми поради огромниот број посетители.
Потребата од ваква алатка се појавила откако земјотресите предизвикале сериозен прекин во комуникациите. Во многу подрачја телефонските мрежи и интернет-врските не функционираат, додека официјалните информации се ограничени. Поради тоа, голем број граѓани немаат никакви сознанија за судбината на членовите на своите семејства.
Преку платформата, корисниците можат да пријават исчезнато лице, да внесат податоци за пронајдени лица и да ги прегледуваат веќе објавените извештаи. Станува збор за граѓанска иницијатива која не е дел од официјалниот систем за итни случаи, но има за цел на едно место да ги собере сите достапни информации за исчезнатите и пронајдените.
Според првичните податоци, само неколку часа по нејзиното активирање биле евидентирани повеќе од 9.400 исчезнати лица, додека речиси 300 луѓе биле успешно лоцирани и повторно поврзани со своите семејства.
Додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата низ погодените подрачја, платформата станува важна алатка за илјадници луѓе кои се обидуваат да добијат каква било информација за своите најблиски.