Скопската Зоолошка градина соопшти дека на седумгодишна возраст почина гибонката Софи.
Од институцијата информираа дека пред околу 12 дена кај животното се појавиле симптоми на малаксаност и потешкотии во движењето. Веднаш била вклучена терапија и извршени лабораториски испитувања од страна на стручен ветеринарен тим.
И покрај секојдневното следење и надежите за подобрување, во неделата состојбата нагло се влошила. Иако биле преземени мерки за реанимација, Софи не издржала.
По направените анализи на Факултетот за ветеринарна медицина, утврдено е дека животното било позитивно на Mycobacterium tuberculosis complex (MTBC), преку PCR метода на Институтот за ветеринарна медицина.
Од Зоолошката градина велат дека веднаш е известена Агенцијата за храна и ветеринарство, а во живеалиштето на гибоните се извршени мерки за дезинфекција и поставени дезинфекциски бариери. Просторот е изолиран од другите животни и ќе се направат дополнителни испитувања кај останатите единки од групата.
„Вакви случаи на заболување кај животни се појавуваат во зоолошки градини ширум светот и ова не е изолиран случај само во Скопје“, нагласуваат од Зоолошката.
Тие додаваат дека Софи била меѓу најактивните гибони, постојано весела и омилена и за вработените и за посетителите. „Нејзиното заминување е голем шок за сите нас. Направивме сè што можевме, но како и кај луѓето, понекогаш болеста не може да се спречи,“ велат од Зоолошката градина.