На 82-годишна возраст почина Јанис Бутарис, поранешен градоначалник на Солун и активен заговорник за нормализирање на односите помеѓу Македонија и Грција. Веста за неговата смрт ја потврди винаријата „Кир-Јани“, која ја основа и водеше со своите синови.
Бутарис, роден во Солун на 13 јуни 1942 година, потекнуваше од Крушево. Син е на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос, од семејството Ничота. Како бизнисмен и енолог, дипломирал хемија на Универзитетот Аристотел во Солун и магистрирал енологија во Атина. Работеше 30 години во семејната винарија „Бутари“, а во 1998 година ја основа винаријата „Кир-Јани“.
Тој беше активен во зближување на Македонија и Грција, што му донесе и контроверзи во Грција. Во текот на неговите посети на Македонија, имаше средби со македонски политичари и активно работеше на подобрување на односите помеѓу двете земји.