Почина пациентка со леукемија и Ковид – Таравари: Пациентката е соодветно третирана на хематологија

47-годишна пациентка со акутна леукемија и ковид вчера починала на скопските клиники. Според СДСМ, станува збор за голем скандал за кој здравствените власти треба да сносат одговорност. Информациите на партијата велат дека нејзе и бил потребен респиратор, а била одбиена за хоспитализација на КАРИЛ, но и на Инфективната клиника, која во моментов се реновира.

„За жал се случи најлошото. Имаме смртен случај – пациентка која била во лоша состојба прво не била примена на интензивна нега во Инфективната клиника, а потоа не била примена ниту на КАРИЛ, по што починала. За овој скандал мора да има одговорност“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Министерот за здравство Арбен Таравари уверува дека пациентката била соодветно третирана на Клиниката за хематологија.

„Дајте да добиеме дефинитивни податоци, меѓутоа нема лекарска грешка, за тоа гарантирам дека пациентката е третирана по сите протоколи и тоа гарантирам, дека е даден целиот потребен третман и тоа сигурно, а тоа дека треба да реновираме одредени одделенија и треба да реновираме…“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Таравари додава дека здравствената состојба на пациентката била со лоша прогноза.

„За жал, причината за смрт кај пациентката не е дека не работела Интензивна нега на Инфективната клиника“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Министерот истакна дека скоро сите клиники во Клиничкиот центар имаат оддели за интензивно лекување и потенцира – додека трае реновирањето пациентите има каде да бидат згрижени. Тој најави дека накоро ќе започне реновирањето на хируршките сали и Клиниката за анестезиологија.