Во 95-тата година од животот, денеска во Скопје почина истакнатиот писател и поет Цане Андреевски. Роден во 1930 година во Кратово, тој го завршил основното образование во родниот град, а потоа Учителска школа и Филозофски факултет во Скопје.
Андреевски својата професионална кариера ја започнал како млад новинар, учествувајќи во уредувањето на детски списанија и весникот „Млад борец“. Најголемиот дел од работниот век го поминал во Радио Скопје, каде долги години бил уредник на Културната редакција и заменик-директор.
Како прозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, ќе остане запаметен како „поетот на добрината“. Неговото творештво опфаќа широк спектар: од поезија за деца – збирките „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989), преку раскази за деца како „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998) и „Малата голема точка“ (2005), до поезија за возрасни: „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски“ (1982). Во 2007 година стана еден од првите македонски поети што се испроба во хаику-поезијата со збирката „Дождот“. Особено вреден е неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин, информира семејството на Андреевски.
Цане Андреевски е добитник на повеќе престижни награди, меѓу кои „Кочо Рацин“, наградата на РТВ Скопје, Струшките вечери на поезијата, како и „Книжевен жезол“ во 2016 година.
Последна почит кон Цане Андреевски ќе биде оддадена во понеделник, на 7 јули, во капелата на градските гробишта Бутел, од 10 до 10:30 часот.