Македонија

Почнува изградбата на автопатот Прилеп-Битола: Модерен пат за побрза поврзаност и економски развој на Пелагонија

Почнува изградбата на автопатот Прилеп-Битола: Модерен пат за побрза поврзаност и економски развој на Пелагонија

Во сабота почнуваат конкретните активности за изградба на автопатот Прилеп – Битола, проект кој целиот Пелагониски регион долго го очекува. Новиот автопат ќе биде модерен, со вкупно шест ленти – три во секоја насока, дополнети со алтернативен помошен пат. Очекуваме за три години овој модерен автопат да донесе економски развој за регионот, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во одговор на пратеничко прашање.

„Од Градско до влезот на Прилеп ќе се вози по експресен пат, каде ќе биде изграден кружен тек; лево ќе води кон Прилеп, а десно – новиот автопат до Битола. За три години, од Скопје до Битола ќе имаме целосно автопатско решение, што ќе го скрати времето на патување до Прилеп на еден час и десетина минути, а до Битола на еден час и четириесет минути. Ова ќе ја промени динамиката на развој, ќе поттикне економијата и бизнисот, бидејќи голем дел од БДП-то потекнува токму од овој регион. Општините Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци и Ресен, исто така, ќе имаат значителна корист од овој проект,“ истакна Николоски.

Министерот посочи дека проектот наидувал на предизвици, вклучувајќи деминирање на делови со неексплодирани направи од Првата светска војна. Со поддршка на Министерството за одбрана, процесот на деминирање значително се забрзал, ослободувајќи 12 километри за работа. Дополнително, експропријацијата била еден од најголемите проблеми, при што во последните три месеци се решени околу 2400 случаи – тројно повеќе од претходниот период, истакна Николоски.

Тој додаде дека активно се работи и на експресниот пат Градско-Дреново, кој се очекува да биде пуштен во употреба до Нова година, додека експресниот пат од Дреново до Фариш се планира да биде завршен напролет следната година.

„Одлучивме да не калкулираме, туку да работиме. Експресниот пат беше пред прекин на договорот, бидејќи дел од проектот се финансира со средства од ЕУ и од буџетот. Половина година не беше формирана комисија, што го доведе договорот до можен прекин и арбитража. Комисијата ја формиравме, ги надминавме проблемите, и сега активно се работи на изградбата. Очекувам до Нова година да заврши првата фаза до Дреново, а до пролет и делот од Дреново до Фариш,“ изјави министерот.

Тој најави дека следната година ЈП за државни патишта ќе избере изведувач за доизградба на експресниот пат од Фариш до Прилеп.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни