Станбените и деловните објекти, како и објектите за колективно домување, на подрачја каде е можно приклучување на систем за дистрибуција на топлинска енергија, задолжително ќе мора да се проектираат и изградат со целосна машинска и техничка инсталација за парно греење.
Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, кој денеска доби поддршка од Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање во Собранието.
Комисијата заклучи дека законот ќе продолжи во натамошна собраниска постапка, откако констатираше дека нема поднесени амандмани.
Со измените се очекува да се овозможи поефикасно користење на енергијата и заштита на топлината во градските средини, каде што постои можност за приклучување на парно греење, со што дополнително ќе се придонесе и за унапредување на животната средина во зимскиот период.
– Измените се донесуваат како одговор на практичните проблеми со обезбедување квалитетно и унифицирано снабдување со топлинска енергија во станбените и деловните објекти. Целта е да се постави стандард за модерно урбано живеење и да се намали загадувањето во зимските месеци – соопшти Владата.
На истата седница, поддршка доби и Предлог-законот за дополнување на Законот за јавни патишта, кој е во прво читање и содржи европски стандарди.
