Македонија

Поднесено обвинение за „Рекет“ – Јанева земала 50 илјади, Боки 13 и Кичеец 1,5 милиони евра

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја. Ова упатува на тоа дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание.

Новинар: Заврши истрагата, за „Рекет“ вештачењето исто така на одземените предмети, дали има клучни докази во тие вештачења кои се завршени.

Рускоска: Да, зборувам за обвинението што утре ќе го поднесувам и за тие осомничени. Да, пронајдовме многу битни докази.

Врз основа на ова, но и други докази, денеска е поднесено обвинение против Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец. Во обвинението се вели дека Боки 13 ги искористил пријателските односи со Јанева, која прифатила да му ја олесни положбата на Орце Камчев во случајот „Империја“ кој го води СЈО, односно да излезе од притвор. Третоосомничениот Кичеец бил дел од целото сценарио и договарал средби со сопругата на Орце Камчев, но и самиот бизнисмен. Тројцата добиле материјална корист, но и парични сретства. Катица добила мебел и 50 илјади евра, а Боки 13 и Кичеец 1,5 милиони евра.

„Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296 илјади денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.“, велат од ЈО.

Рускоска ги потврди тврдењата на републичкиот обвинител Љубомир Јовески дека имало понуда од еден од осомничените за спогодба за првиот дел од истрагата за кој е поднесено обвинение. Како што вели таа, официјална иницијатива не е поднесена, но имало предлог.

Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска вели дека размислуваат за нова жалба и барање за укинување на притворот на поранешната шефица на СЈО. Додава дека здравствената состојба и е влошена, нешто слично како и на Боки 13.

ТВ21: Каква е состојбата на Јанева?

Фрчкоска: Па, влошена е.

ТВ21: Што конкретно?

Фрчкоска: Кардиолошки интернистички преглед ќе прави денеска.

Врз основа на обвинението, обвинителството за организиран криминал и корупција бара продолжување на притворот за, сега веќе, обвинетите лица.

Што се однесува до документите, односно исказите кои протекоа во јавноста за случајот „Рекет“, обвинителката Рускоска тврди дека тие не се од обвинителството, бидејќи како што вели фотографиите биле направени од копии, а тие имаат само оргинали. Копиите се доставени до судот.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни