Претседателот на Комисијата за помилување Методија Каневчев вели „поима немав дека, јас барем и сите други тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд“.
Акиф Равмановски еден од водачите на криминалната група „Барон“ од скопски Чаир после еден ден откако беше помилуван повторно се најде зад решетки. Тој денес беше пуштен од затворот „Идризово“ каде издржуваше казна од 1 година и три месеци заради нелегално поседување на оружје бидејќи беше помилуван од претседателката Сиљановска – Давкова и казната беше заменета со условна. По пуштањето тој е веднаш уапсен.
Претседателот Каневчев во изјава за Телма објаснува врз основа на што ја донела одлуката за негово помилување Комисијата за помилување. Тој вели дека најспорен е Акиф Равманоски, за чиј педлог за помилување се воделе од првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, која била условна, но потоа била заменета со ефективен затвор од страна на Апелацискиот суд.
„Тој е осуден за поседување оружје на ефективна казна затвор од една година и три месеци. Дома му е најден пиштол со пет проектили, не знам дали биле во шаржер или во самото оружје. Ние се раководевме од околноста што првостепената пресуда, значи пресудата на Основниот кривичен суд била условна осуда, утврдена казна од две години, со рок на проверување пет години. Апелацискиот суд ја преиначува пресудата во делот на казната и се решава за ефективна казна, тоа е онаа казна од една година и три месеци. Ние го разгледавме случајот и заклучивме тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Поима немав дека, јас барем и сите други тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд“, рече претседателот на Комисијата за помилување.
На прашање дали го проверуваат профилот на лицата кои се на список за помилување, Каневчев рече членовите на комисијата ги добиваат сите документи од Министерството за правда во молбите на сите осудени лица и сите детали.
„Нашиот предлог во претседателката беше таа ефективна казна да се услови, бидејќи кога се работи за помилување не може пет години рок на проверување, минималниот рок е три. Според тоа овде се работи за замена на една кривична санкција со друга“, рече Каневчев.