Во Куманово утрово се спроведува полициска акција поради сомневања за дејствување на криминална група во градот и поширокиот регион. На повеќе локации има зголемено полициско присуство, а според информациите од терен, претреси се вршат и во менувачници и нотарски канцеларии.
Дејствијата ги спроведуваат полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството потврди дека, врз основа на обезбедени наредби, се вршат повеќе претреси за прибирање докази во врска со кривичните дела „изнуда“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „несовесно работење во службата“.
Според дополнителните информации за акцијата, се проверуваат и сомневања за лихварство, како и можна поврзаност на дел од претресуваните објекти со истражуваните активности.
Засега не се соопштени бројот на осомничени лица, ниту дали има приведени. Од Обвинителството најавија дека ќе ја информираат јавноста по целосното завршување на акцијата.