Свет

Поради пукнатини на крилата: Airbus проверува 16 авиони A380 што ги користи голема авиокомпанија

Поради пукнатини на крилата: Airbus проверува 16 авиони A380 што ги користи голема авиокомпанија

Производителот на авиони Airbus започнува вонредни проверки на 16 авиони од моделот Airbus A380, откако при технички инспекции биле откриени пукнатини во делови од конструкцијата на крилата кај дел од леталата.

Мерката е преземена по наредба на Европска агенција за воздухопловна безбедност, која побарала итна контрола на засегнатите авиони. Првично ќе бидат проверени пет летала што ги користи авиокомпанијата Emirates, додека останатите ќе бидат инспектирани во подоцнежна фаза.

Според Airbus, пукнатините се откриени на една од главните носечки греди на крилото – компонента што поднесува значителен дел од оптоварувањето за време на летот. Проблемот бил забележан при рутинско одржување на авионите.

Од вкупно 16-те засегнати авиони, 15 се дел од флотата на Emirates, додека еден го користи австралиската авиокомпанија Qantas. Проверките на првите пет летала треба да започнат веднаш.

„Инспекциите ќе бидат извршени во следните 48 часа, а сите неопходни мерки ќе бидат преземени пред авионите повторно да бидат пуштени во употреба“, соопштија од Emirates.

Од авиокомпанијата нагласија дека тесно соработуваат со Airbus и надлежните воздухопловни власти со цел да се избегнат поголеми нарушувања во распоредот на летови.

Од Airbus појаснуваат дека сите авиони A380 со слична производствена историја веќе се идентификувани и вклучени во програмата за проверки. По нивното завршување, компанијата ќе одлучи дали ќе бидат потребни дополнителни поправки или конструктивни интервенции.

Останатите 11 авиони засега можат да продолжат со летови, но ќе мора да поминат инспекција пред да го достигнат експлоатацискиот лимит утврден од регулаторот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни