Македонија

Поранешниот градоначалник на Ново Село меѓу 10 уапсени за продажба на марихуана

Поранешниот градоначалник на Ново Село меѓу 10 уапсени за продажба на марихуана

Поранешниот градоначалник на општина Ново Село Боро Стојчев е уапсен денеска во голема акција која ја спроведе Министерството за внатрешни работи, дознава Press24. Освен Стојчев, уапсени се уште девет луѓе за организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.

Во официјалното соопштение од МВР се вели дека акцијата ја воделе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, и Единицата за недозволена трговија со дрога, позната како НТШ.

-Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата.  Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели. Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3  од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”, велат од МВР.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни