Денеска завршува владината мерка за ограничување на маржите, позната како „есенска кошничка“, што овозможи намалени цени на 73 основни прехранбени производи, меѓу кои леб, тестенини, брашно, пекарски производи, млеко и млечни производи, месо, овошје, зеленчук, ориз, грав, масло за јадење и конзервирани производи.
Граѓаните, сепак, изразуваат разочарување, велејќи дека мерката не донела значајни заштеди во нивниот семеен буџет. „Ништо значајно не почувствувавме,“ велат дел од граѓаните, додека други истакнуваат дека намалувањето на цените било минимално.
Претставниците на бизнис секторот уверуваат дека нема да има зголемување на цените на основните прехранбени производи, особено на лебот и печивата. Горан Георгиевски изјави: „Очекуваме цените да останат стабилни, без значајно зголемување на основните продукти.“
Експертите, пак, остануваат критични кон мерката, оценувајќи дека единственото решение за подобрување на животниот стандард е зголемување на платите на работниците. Според пресметките на синдикатите, трошоците за храна за едно четиричлено семејство достигнуваат 22,000 денари месечно, додека синдикалната минимална кошничка за октомври 2024 изнесува 61,249 денари – со само 57 денари помалку од претходниот месец.