Повеќе од 300 луѓе го преминаа Ла Манш во текот на викендот со мали чамци за да стигнат до Британија

Повеќе од 300 мигранти пристигнаа во Велика Британија во текот на викендот, откако го преминаа Ла Манш со мали чамци, јави ДПА, повикувајќи се на британската асоцијација за печат.

Британското Министерство за одбрана потврди дека седум чамци биле забележани на море и изнесени на брегот. Во саботата беа спасени 321 лице, додека во неделата не беа направени обиди за преминување на Ла Манш, ниту пак имаше случаи на донесени мигранти на англискиот брег.

Се вчитува...

Минатата недела, веројатно поради топлото време и ниските бранови, имаше рекорден број на морски патувања од Франција до Обединетото Кралство, при што 1.512 луѓе беа спасени и пренесени на англискиот брег.

Обидите да се стигне до Обединетото Кралство продолжуваат и покрај заканите од владата во Лондон дека ќе испрати мигранти во Руанда. Но, првиот лет за Африка закажан за вторник беше откажан во последен момент по налог на Европскиот суд за човекови права, потсети ДПА.