Македонија

Повеќе од дваесет дуќани изгореа во пожар во Шуто Оризари – нема повредени

Повеќе од дваесет дуќани изгореа во пожар во Шуто Оризари – нема повредени

Голем пожар ноќеска избувна во трговски објект во скопската општина Шуто Оризари, при што изгореа повеќе од дваесет дуќани. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во настанот нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета.

Пожарот започнал нешто по три часот по полноќ и зафатил над дваесет продажни места со текстилна и друга стока, сите во сопственост на С. С., кои биле дадени под закуп. Огнот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје.

Во гаснењето биле ангажирани петнаесет пожарникари и шест противпожарни возила од скопската Противпожарна бригада, а интервенцијата, според Центарот за управување со кризи, траела од 03:31 до 06:45 часот утринава.

Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати. Од Министерството за внатрешни работи најавија дека на местото ќе биде извршен увид и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Според податоците на Центарот за управување со кризи, огнот зафатил трговски објект на улицата „Индира Ганди“ во општина Шуто Оризари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни