Деблокирани се крупните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, а се очекуваат активности за интензивирање на гасификацијата како и инвестициите во енергетиката. Проектираниот економски раст од 3,2 проценти следната година со сигурност ќе се реализира. Ова се дел од очекувањата, но и оценките кои ги изнесе вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при презентацијата на буџетот за следната година.
„Владата на РМ во 2018 година не беше фокусирана на стварање на виртуелни бројки со кои ќе покаже нереален раст, кој што ќе даде само една слика дека нешто работиме, а од друга страна безмилосно да ги трошиме парите на граѓаните. Бевме посветени домаќински проектите да ги доведе во нормален ред, како што се случи со двата големи проекти од патната инфраструктура Кичево Охрид, каде што цените единечни се намалија за сите дополнителни работи од 33 до 35 проценти, а се обезбеди заштеда од 95 милиони евра“, вели Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања.
Градежништвото се очекува да биде движечка сила во економијата наредната година, а од тие причини предвидени се и средства за жечезничката пруга од Коридорот 8.
„Предвидени се 3 милијарди и 400 милиони денари, зборуваме за изградба на железницата, Железница-транспорт е посебна категорија. Да, се однесува во делот на Коридорот 8 и во делот на одржување на сите железнички станици. Очекуваме до крајот на годината е железничката пруга Битола-Кременица да биде готова“, изјави Горан Сугарески – Министер за транспорт и врски.
Владата планира раст на бруто-инвестиците на реална основа од 4,2 процента, 26,2 милијарди денари за капитални инвестиции, од кои 5,2 милијарди денари во патната и железничката инфраструктура, при што за железницата ќе се потрошат 44 проценти повеќе средства. Догодина ќе има за 80 проценти повисок буџет за гасификацијата, 3,3 милијарди денари ќе се вложат за рурален развој, а 475 милиони денари ќе има капитални инвестиции за доградба на инфраструктурата во технолошко-индустриските развојни зони.
Се предвидува буџетски дефицит од 2,5 проценти, пад на стапката на невработеност под 20 проценти, како и раст на од 4,5 проценти на просечната нето плата на номинална основа. Милијарда денари ќе се потрошат за поттикнување на вработувањето, 720 милиони денари за финансиска поддршка на инвестиции, 700 милиони денари за привлекување странски директни инвестиции и развој на слободната економска зони, додека 520 милиони денари ќе бидат доделени преку Фондот за иновации и технолошки развој.
Покрај 1,1 милијарда денари за активни мерки за вработување, ќе има пет проценти ново зголемување на платите во јавното здравство од септември, на лекарите–специјалисти 10 проценти, како и пет проценти на просветните работници.
