Цената на суровата нафта денеска се зголеми по изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој во одговор на новинарско прашање дали ќе го поддржи Израел да ги нападне иранските нафтени постројки, рече дека „се разговара за тоа“.
Цената на нафтата „Вест Тексас интермедит“ скокна за 5,5 отсто и се приближи до цената од 74 долари за барел, додека светската референтна цена на нафтата „брент“ се зголеми на близу 77 долари, пренесува Блумберг.
Околу една третина од светската нафта се произведува во регионот на Блискиот Исток, каде што се водат конфликти меѓу Израел, Иран, Либан, Јемен и други места, а Блумберг наведува дека постои растечки страв кај трговците со нафта дека најновите ескалации на конфликтите би можеле да доведат до напади врз енергетските капацитети или нафтената инфраструктура.
„Фактот дека енергетската инфраструктура сега се гледа како потенцијална цел не е сосема изненадувачки за пазарот, но по коментарите на Бајден, тоа стана поблиску до реалноста“, рече Ребека Бабин од трговската куќа CIBC Privet Velt.
Таа оцени дека постои скептицизам околу тоа дали Израел ќе ги таргетира нафтените капацитети во Иран, главно поради влијанието на администрацијата на Бајден, чија намера е да ја одржи цената на нафтата стабилна пред претстојните претседателски избори во САД.
Бајден денеска изјави дека Израел нема да го нападне Иран денеска, а вчера рече дека не поддржува израелски напад врз иранските нуклеарни постројки.