Градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков на својот Фејсбук профил вели дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег.
Како што вели, во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа.
„Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии. Се надеваме и веруваме дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму“, пишува Пецаков.
Тој упати апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори.