Плоштадот „Скендербег“ во Скопје оваа сабота, на 13 декември, ќе биде центарот на регионален собир на кој ќе се побара правда за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Организаторите најавија мирен протест со јасна порака: итно ослободување на Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите раководители кои, според нив, неправедно се држат во притвор во Специјалниот суд во Хаг.
Иницијативата доаѓа од неколку здруженија произлезени од конфликтот, кои сметаат дека судскиот процес во Хаг е компромитиран и политички мотивиран, со цел да се ревидира историјата на конфликтот во Косово.
Јашари: Судот соработува со српското обвинителство за да ја оцрни ОВК
Џавит Јашари, претседател на Здружението на семејствата на паднатите борци на ОВК, во своето обраќање истакна дека целта на протестот не е попречување на правдата, туку спротивставување на неправдата. Тој обвини дека Хашкиот суд, преку тесна соработка со обвинителството на Србија, се обидува да фрли дамка врз борбата на ОВК.
„Нашата единствена цел е да побараме правда и да изразиме солидарност со Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и сите други кои неправедно се држат во Специјалниот суд во Хаг. Сите во јавноста треба да разберат дека ние не повикуваме на протести и никогаш не сме повикувале за спротивставување на правдата,“ дециден е Јашари.
Административни подготовки: Се чека „зелено светло“ од Град Скопје
Бујар Дардишта од Организацискиот совет на протестот информираше дека правната процедура за одржување на собирот е во тек и не очекува никакви пречки.
„Во согласност со законот за организирање протести, имаме поднесено две барања до Град Скопје, бидејќи согласно Законот за локална самоуправа, за плоштадите и булеварите е надлежен Градот. Добивме заклучок да ја платиме комуналната такса, што го направивме, и очекуваме во текот на постапката да ја добиеме дозволата. Нормално, не мислам дека треба да има некаква пречка, бидејќи тоа е уставно право,“ појасни Дардишта.
Регионален повик за масовност
Организаторите очекуваат протестот да има поширок, регионален карактер. Фадил Шурџај, претседател на Здружението на инвалидите од војната на Косово, упати јавен повик до сите Албанци во регионот да се солидаризираат со притворените лидери.
„Им упатуваме повик на сите граѓани на РСМ, на Албанците од цела Албанија, Црна Гора, Косово, на сите организации, здруженија и граѓанското општество, на 13 декември во 13 часот да ни се придружат на плоштадот ’Скендербег‘,“ порача Шурџај.
