Управата за хидрометеоролошки работи вели дека и во наредниот период ќе продолжи сончевото и многу топло време.
Дневната температура ќе биде и над 30 степени, наместа и повеќе од 40 степени. Особено топло ќе биде од четврток до средината на следната седмица, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.
Затоа, Институтот за јавно здравје излезе со препораки за граѓаните.
Од таму се вели дека граѓаните со себе треба да носат шише вода, да се разладуваат со вентилатори или клима уреди, да носат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.
Кога станува збор за патувањата, од ИЈЗ препорачуваат граѓаните да се информираат за општата здравствена состојба, заразните заболувањa и потенцијалните ризици по здравјето во подрачјето каде се планира да се патува.
Најмалку еден месец пред да заминете на планираното патување проверете ги препораките за профилактична терапија – на пример лекови за маларија и-или вакцинација – на пример против жолта треска, во подрачјето во кое планирате да патувате. Осигурајте се дека сте ги примиле вашите рутински вакцини, особено бидете во тек со вакциналниот статус на децата со кои патувате.
Доколку имате потреба од дополнителни сознанија, консултирајте го вашиот избран лекар или надлежниот Центар за јавно здравје.
Подгответе ја вашата „здравствена чанта“ – сет за прва помош, лекови за хронична терапија -доколку има, антипиретици, аналгетици, лекови за гастроинтестинални проблеми и сè што мислите дека можеби е тешко да се најде во вашата дестинација.
Задолжително да се понесе средства за заштита од инсекти, крем за сончање со заштитен УВ-фактор над 30, алкохолни дезинфекциони средства и здравствената книшка.