Премиерот Мицкоски со апел до политичарите: Да не потпаѓаме на бугарски провокации

Премиерот Христијан Мицкоски апелира политичарите, но и граѓаните, да не потпаѓаат на провокации од бугарска страна. По реакцијата од бугарското МНР, во која се вели дека премиерот Мицкоски со идеите за репреговарање само ја оддалечува земјава од Европската Унија, тој одговори дека политичарите во Софија се обидуваат темата да ја внесат во предизборието.

„Тамошните политичари ќе сторат се за да не внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со којашто ќе се обидат да не портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, а дека тие се добрите.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели дека Македонија ќе продолжи дома да спроведува реформи, а во меѓувреме ќе очекува и поддршка од пријателите на евроинтегративниот пат.

„Ако има желба, има и начин. Јас очекувам да сите наши пријатели во рамките на Европската Унија конечно разговараат со сите оние коишто поставуваат непринципиелни препреки, за да можеме да го отпочнеме конечно и апликативно процесот на преговори и тогаш веќе ќе зависи од нас.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски претходно истакна дека ќе чека да се формира стабилна политичка Влада во Бугарија со која ќе може да се разговара за деблокада на евроинтегративниот процес и спомена можност за додаток на францускиот предлог, што не наиде на одобрување кај актуелната техничка Влада во Софија. Изборите кај соседите се закажани се за 27 октомври.