Македонија

При купување на лизинг бидете внимателни, можете да останете и без возило и без пари?

Одземање на автомобил на лизинг без претходно известување од страна на компанијата која што го одобрила лизингот се дел од  жалбите кои пристигнуваат на адреса до Организацијата за заштита на потрошувачи. Маријана Лончар Велкова, претседателка на оваа организација вели дека иако законот до сега претрпел деветпати измени,  ги обесправува корисниците на лизинг.

„Ние ќе бараме  договорот да не може туку така да се раскине без да биде информиран корисникот во одреден разумен рок. Овде вика доколку давателот разумно оцени дека постои опасност по предметот. Што е тоа разумно да оцени  дали е тоа само не плаќање на една рата, каде што може да му го земе возилото од пред вратата, иако се платени 20 рати претходно или истиот ден да го информира и да го земе возилото и да го однесе“, изјави Маријана Лончар Велкова – Претседател на ОЗП.

Не се уредени ниту роковите, ниту начинот на информирање на потрошувачот и без прецизирање на постпката за  писмено известување , што остава простор некој да биде обесправен. Треба да се донесе нов закон вели Лончар. Од Министерството за финансии кој се надлежни за овие постапки  и кои имаат дадено дозвола за работа на Лизинг компаниите велат :

„Досега до Министерството за финансии нема пристигнато иницијатива за промена на овој закон, но секогаш сме отворени за комуникација со цел да се донесат решенија кои се во најдобар интерес на граѓаните“, велат од Министерството за финанзии.

Доколку условите определени во договорот за лизинг не се исполнуваат од едната од договорните страни  во договорот за лизинг член 11 стои :

Закон за лизинг член 11

Другата договорна страна може да го раскине договорот за лизинг со претходно известување во писмена или електронска форма до првата договорна страна во рок не пократок од 5 работни дена.

Но оваа одредба , скоро и да не се користи , бидејќи може да се случи  корисникот да го сокрие предметот. Адвокатот Јоанидис објаснува дека компаниите најчесто не ги известуваат корисниците за да не се случи да ги скријат возилата.

„Предвидуваат во договорот помеѓу корисникот и финансиската компанија без известување да се земе возилото од корисникот било кај да се најде. Во сообраќај оди спрема Прилеп, го сопира сообраќајна полиција, го исклучува од сообрачај и го предава на финансиската компанија. Сообраќајната дозвола е на име на финансиската организација и оригиналниот клуч се наоѓа кај финансиската компанија“, изјави Јован Јоанидис – адвокат.

При одземање на возило на лизинг дадените пари до тогаш не му се враќаат на корисникот, бидејќи се смета за закуп. Долгот  судски му се наплаќа, па дури и трошоците за самото одземање кои се повеќе од просечна македонска плата. Токму од тие причини можеби лизингот не е многу популарен кај нас како во другите земји. За тоа дали известувањето се праќа пред или по одземањето на возилото од корисникот  и на кој начин се информира, одговор побаравме и од некои од лизинг компаниите, но се уште немаме одговор.

РЕПОРТЕРКА: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни