Приведен 32-годишник од Кавадарци осомничен за закани кон градоначалникот

Лицето осомничено дека упатувало закани кон градоначалникот на Кавадарци е лишено од слобода и спроведено во притвор, соопштија од СВР Велес.

Според информациите, во саботата во 18:20 часот во ОВР Кавадарци бил задржан Н.Ј. (32) од Кавадарци, кој истото попладне, во 14:25 часот, бил пронајден и приведен на подрачјето на СВР Битола. За него бил распишан централен распис поради сомнение дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ (член 144), „демнење“ (член 144-а) и „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (член 394-г од Кривичниот законик). За овие дела претходно му биле поднесени кривични пријави.

Се вчитува...

Осомничениот бил изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Кавадарци, кој му одредил притвор во траење од 30 дена. Потоа бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Гевгелија, информираа од СВР Велес.

Претходно, Основното јавно обвинителство соопшти дека поднесло обвинение против три лица поради закани и загрозување на сигурноста на градоначалникот на Кавадарци, при што за едно од нив (32-годишникот) било предложено определување притвор.

Според обвинението, првообвинетиот подолг период објавувал на својот Фејсбук-профил содржини со говор на омраза, навреди, повици за насилство и закани насочени кон градоначалникот, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како доказ за сериозноста објавувал видеа на кои пука со автоматска пушка и пиштол.

Од јули годинава, според Обвинителството, почнал и телефонски да се јавува кај градоначалникот и да упатува закани по неговиот живот и безбедноста на семејството. Второобвинетиот, исто така преку телефон, пренесувал закани во име на првообвинетиот. Третообвинетиот, пак, коментирал на Фејсбук-објавите, заканувајќи се со убиство на градоначалникот.

Јавниот обвинител нагласил дека за првообвинетиот, кој има македонско и бугарско државјанство, постои реален ризик од бекство и можност за повторување на делото, поради што била предложена мерката притвор.