„Треба да бараме веќе азил во некои нормални земји, ова веќе ги помина сите граници. Во секој можен аспект од животот ние со нашите деца сме дискриминирани. Како може постојано за нашите деца да има пропусти. За деца со ретки болести нема терапии, деца умират бидејќи нема терапии…“
Зоран Мијалков, родител на дете со посебни потреби, е загрижен за новата учебна година. Му било кажано дека нема да има образовни асистенти поради нерешен работен статус.
„Од први септември, секое дете треба да има асистент. А во овој случај имале цело лето пред нив за да ги решат работите и од први септември нашите деца како сите други да тргнат на училиште заедно со асистентите. Значи во овој случај основното загарантирано право со Устав, образование, на нашите деца им е скратено од првиот училишен ден. Ова е невиден пропуст. Ова е веќе срамота.“, рече Мијалков.
Неговото 13-годишно дете треба да почне во шесто одделение, каде што ќе има повеќе наставници. Мијалков дознал за проблемот од асистентите.
„Значи понеделник ќе одиме до училиштето и ќе мора да си го вратам дома. Ние од асистентите разбравме. Затоа што ние им се јавуваме на нив, за да се договориме во понеделник да го однесеме во училиште, го предаваме детето на асистентите и почнува со образование нашето дете. И асистентите ни одговорија дека така им е кажано и дека и тие се шокирани.“, вели Мијалков.
Тој се плаши дека децата може да останат без асистенти цел месец. Министерството за образование изјави дека ќе ангажира 1000 асистенти оваа година, а за 815 веќе се завршени огласите.
„Доколку се случи ученик со попреченост да нема образовен асистент од првиот училишен ден, училиштата се должни преку училишниот инклузивен тим, а во соработка со ресурсните центри да ја обезбедат потребната поддршка на ученикот за успешно отпочнување на образовниот процес. Училишниот инклузивен тим развива инклузивна стратегија за прием и адаптација на учениците со попреченост во наставата од самиот почеток на учебната година“, изјавија од МОН.
Образовен асистент може да поддржува еден до три ученици со попреченост во исто одделение.

