Македонија

Продолжен рокот за субвенции за гасификација на домаќинствата, апликациите до 31 октомври

Продолжен рокот за субвенции за гасификација на домаќинствата, апликациите до 31 октомври

Домаќинствата кои планираат да инвестираат во гасификациски решенија ќе имаат дополнително време да аплицираат за финансиска поддршка од државата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за поднесување барања до 31 октомври 2026 година.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска информираше дека измените на Програмата веќе се објавени во „Службен весник“, со што граѓаните добиваат дополнителна можност да ја искористат мерката за намалување на трошоците за греење.

„Нашата цел е да им дадеме дополнително време и можност на што поголем број семејства да ја искористат оваа мерка и значително да ги намалат своите трошоци за греење во претстојната сезона“, изјави Божиновска.

Со мерката се предвидува финансиска поддршка за домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе направат куќен приклучок на гас или ќе набават котел на гас за објект кој веќе бил приклучен на системот пред 1 јануари 2026 година.

Граѓаните ќе можат да добијат поврат до 70 проценти од направените трошоци, но најмногу до 30.000 денари.

За реализација на оваа мерка се обезбедени вкупно 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат според принципот „прв дојден – прв услужен“, до исцрпување на предвидениот буџет.

Од Министерството посочуваат дека целта на субвенциите е поттикнување на поеколошки и поефикасни начини на загревање, како и намалување на трошоците за енергија за домаќинствата.

„Енергетската транзиција не е луксуз, туку развојна можност која треба да биде достапна за секое семејство. Со оваа мерка создаваме услови за почисто, поеколошко и енергетски посигурно греење“, порача Божиновска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни