Владата донесе одлука за продолжување на рокот на кризната состојба поради можноста за нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Новиот период на важност на кризата ќе трае од 21 јули до 21 октомври.
Како што информираат од Владата, продолжувањето на кризната состојба има цел да обезбеди континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку се појават проблеми во снабдувањето или значителни промени на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари.
Со оваа одлука, надлежните институции ќе имаат можност побрзо да реагираат во случај на евентуални нарушувања, со цел да се зачува стабилноста на пазарот и да се намалат можните последици врз граѓаните и стопанството.
Од Владата посочуваат дека внимателно ќе ги следат состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку биде потребно, ќе носат дополнителни мерки за обезбедување сигурно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати.
По завршување на владините процедури и усогласување на одлуката, таа ќе биде доставена до Собранието на разгледување и усвојување, согласно законските надлежности.