Критериумите според кои се оценувале квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман беа во фокусот на денешното рочиште за предметот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје.
Во рамки на вкрстеното испитување од страна на Обвинителството, вештото лице д-р Владимир Даниловски одговараше на прашања поврзани со клиничките параметри користени при изготвувањето на наодот и мислењето за конкретните пациенти.
На прашање дали при изготвувањето на основниот и дополнителниот наод и мислење било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа, Даниловски одговори потврдно.
Вештото лице ги посочи и параметрите врз кои се темели проценката на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман. Меѓу нив ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот.
На прашањето кои од овие параметри биле применети при давањето на мислењето за конкретните пациенти, вештото лице остана на наодите наведени во вештачењето.
Одбраната приговори на дел од прашањата, со образложение дека кај конкретните пациенти вештото лице не вршело споредба меѓу различни третмани во однос на нивната ефикасност. Судот не ги прифати приговорите, оценувајќи дека прашањата се поврзани со наодите и мислењата за конкретните пациенти и нивното лекување.
Судијката Снежана Марковска претходно прифати приговор на бранителот на првообвинетиот Никола Васев, адвокатот Дељо Кадиев, во однос на долго и нејасно поставено прашање. Таа посочи дека вкрстеното испитување треба да се одвива постепено, со конкретни прашања и конкретни одговори, особено кога се проверуваат исказот и стручноста на вештото лице.
Во текот на рочиштето, одбраната го отвори и прашањето за документацијата што била доставена до вештите лица во Словенија за потребите на вештачењето. Кадиев побара Обвинителството да се произнесе дали постојат преводи на документацијата од македонски на словенечки јазик и дали на словенечките вештаци им биле доставени целосните истории на болеста или делумен, односно селектиран материјал.
Кадиев посочи дека на 2 септември 2026 година доставил поднесок со барање судот да го задолжи јавниот обвинител да ги достави преводите, додавајќи дека Обвинителството и на претходните две рочишта најавило дека ќе биде потребно дополнително време.
Одбраната, исто така, побара појаснување дали целокупната документација од историите на болеста била доставена за вештачење во Словенија или бил испратен само дел од материјалот.
Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева одговори дека целокупната медицинска документација која е дел од судскиот предмет била испратена на вештачење.
На почетокот на рочиштето, судот го одби и барањето на првообвинетиот Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески.
Судијката Марковска образложи дека судот претходно го прифатил неговото учество како технички советник на Обвинителството, дека бил испитан во однос на сите пациенти опфатени со обвинението и дека како докази биле изведени и техничките извештаи што ги изготвил.
Судот оцени дека наводите на одбраната во однос на неговото учество ќе бидат ценети при донесувањето на одлуката за главната работа. Против ова решение, како што беше соопштено, не е дозволена посебна жалба.
Во предметот „Онкологија“ обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни.
Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.