Речиси еден месец нема трага од 27-годишниот Шемо Шабани од Гостивар, кој на 13 октомври излегол од својот дом и не се вратил. И покрај преземените полициски мерки и пребарувањата на терен, потрагата засега не дала резултат.
На 21 октомври екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, во координација со полицијата и локалните служби, го пребарувале коритото на реката Вардар во Гостиварско. Во акцијата учествувале припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води, кои проверувале критични точки од градското подрачје до низводните делови.
Следниот ден било објавено дека Шабани не е пронајден, иако спасувачите детално пребарале десетина критични точки во реката.
Во рамките на потрагата, полицијата повикала на разговор лица што имале контакт со него непосредно пред исчезнувањето. Биле проверувани снимки од безбедносни камери и информации за неговото движење, а било побарано и намалување на нивото на Вардар за полесно пребарување.
Фотографијата на Шабани е објавена и на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи, во делот за исчезнати лица.
Граѓаните што имаат какви било сознанија кои би помогнале во неговото пронаоѓање се повикуваат да ги пријават во најблиската полициска станица.