Македонија

Проф. Марковски: Катастрофата во 63-та беше поради лоша градба, денес имаме подобри материјали, но полош однос и помала одговорност

Проф. Марковски: Катастрофата во 63-та беше поради лоша градба, денес имаме подобри материјали, но полош однос и помала одговорност

Катастрофалните последици од скопскиот земјотрес во 1963 година не биле резултат на неговиот „стравотен интензитет“, туку на тогашниот лош квалитет на градење, а денес, иако градиме сеизмички поотпорни објекти, се соочуваме со сериозен пад на свеста и одговорноста кај градителите. Ова го истакна професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во своето гостување во „Ноќно студио“ на „4ТВ“.

Според него, измамите кои се присутни во секојдневието и во најсуптилните области како храната, не го заобиколуваат ниту градежништвото. Тој направи детална паралела помеѓу состојбите пред 1963 година, периодот на обновата на Скопје и актуелниот градежен бум.

Професорот Марковски посочува дека пред земјотресот во Скопје се градело навистина лошо, главно со камен или тула, а инженерите од тој период, под притисок на брзата обнова по Втората светска војна, го занемарувале земјотресното дејство. Како потврда за ова, тој го наведува фактот дека ниту една армирано-бетонска зграда или висококатница не се урнала во катастрофата.

„Тој земјотрес нема некој голем, стравотен интензитет. Катастрофалните последици се должат на лошата градба. Но, по него Скопје доби историска шанса. Под покровителство на ОН, целата стручна јавност од областа на урбанизмот, архитектурата и сеизмичкото проектирање се собра да му помогне на градот. Квалитетот на градењето драстично се подигна, а луѓето почнаа сериозно да размислуваат за оваа природна сила“, објаснува Марковски.

Правејќи споредба со денешницата, Марковски потенцира дека во апсолутна вредност, објектите што се градат денес се далеку подобри, поквалитетни и посеизмички отпорни, па затоа само мал дел од нив би доживеал катастрофа при сличен земјотрес. Сепак, клучниот проблем лежи во односот на самите градители и почитувањето на стандардите.

„Ако го споредиме односот на сите вклучени во процесот на градење тогаш и денес, нашиот денешен однос е полош. Непосредно по земјотресот вакви пропусти како денес не се случуваа. Тогаш имаше страв, совест и свест за одговорноста што се носи. Денес тоа исчезна и тоа е загрижувачки. Во тоа време не се криеше колку арматура ќе се вгради и не се заскриваа грешките“, предупредува професорот.

Како дополнителен и сериозен проблем кој со години се провлекува во домашниот градежен сектор, професорот Марковски ја посочува законската и стандардната регулатива во државата.

„Она што посебно ме загрижува во последните години е тоа што Македонија упорно одбива целосно да премине на користење на европските норми за проектирање на конструкции, односно на таканаречените еврокодови“, заклучува Марковски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни