Македонија

ПРОФЕСОР МИЛЕВСКИ СО АЛАРМАНТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: „Вдишуваме отрови, клиниките наскоро ќе се полнат“ – Сателитски снимки покажуваат екстремно загадување над Скопје

ПРОФЕСОР МИЛЕВСКИ СО АЛАРМАНТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: „Вдишуваме отрови, клиниките наскоро ќе се полнат“ – Сателитски снимки покажуваат екстремно загадување над Скопје

Универзитетскиот професор и географ, Ивица Милевски, вечерва упати драматично предупредување до јавноста дека граѓаните на Скопје и околината со денови без прекин вдишуваат огромна количина „отрови“, поткрепувајќи го своето тврдење со сателитски снимки кои покажуваат екстремно загадување на воздухот. Тој прогнозира дека ваквата состојба наскоро ќе резултира со сериозни здравствени последици.

Во својата објава, Милевски посочува на податоците од европскиот сателит „Сентинел 5“, кои во последните четири дена покажуваат голема црвена зона над Скопје, особено во јужниот дел, што индицира висока концентрација на опасни загадувачи во атмосферата.

„Ова црвеново од Сентинел 5 веројатно наскоро ќе ги полни клиниките со пациенти од разни сериозни белодробни и секакви други заболувања, а ние ќе продолжиме да си дискутираме за сосема неважни теми“, напиша професорот.

Тој изрази разочарување од апатијата и недоволната свест во јавноста за сериозноста на проблемот, кој, според него, се третира како да е „стотици километри далеку“.

„И сè така, додека не заглавиме во нашиот феноменален здравствен систем, а тогаш ќе биде малку доцна за реакција, нели. Епа, на здравје нека ни е…“, заклучува саркастично Милевски.

Неговото предупредување доаѓа во време кога Скопје се соочува со повеќе еколошки проблеми, вклучително и последиците од пожарот на дивата депонија Вардариште и непријатната миризба од депонијата Дрисла, што дава научна поткрепа на загриженоста и револтот на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни