Професор од Институтот за меѓународни односи, Максим Камењецки, се јави во живо од Киев во програмата на телевизијата N1, каде ги опиша тешките услови за живот во украинската престолнина под постојани руски напади и порача дека Украинците не се подготвени на отстапки.
И покрај уништената енергетска инфраструктура и исклучително ниските температури, големо мнозинство од граѓаните не сака капитулација.
„Без струја сме 20 часа дневно, во Киев е -20“
Камењецки ја опиша секојдневицата во главниот град на Украина. „Сега во Киев е прилично тешко да се живее. Уништена е целокупната енергетска инфраструктура од која зависи нормалниот живот. Во секој момент, две третини од градот немаат струја“, рече тој.
„Во мојот дел од градот, кој е најтешко погоден, без струја сме околу 20 часа дневно, а ја имаме само четири часа. Имаме само ладна вода и слабо греење. Тоа е сè што имаме“, изјави Камењецки, додавајќи дека температурите во Киев се движат околу -20 степени Целзиусови.
„Има снег и многу е студено. Во мојот стан температурата е околу 16 степени, но во некои станови е само пет“, додаде тој.
„Украинците не размислуваат за предавање“
И покрај тешките услови, Камењецки нагласува дека духот на отпорот не е скршен. „Украинците не се подготвени на отстапки, што го потврдуваат и социолошките истражувања. Меѓу 60 и 70 проценти од граѓаните не сакаат Украина да прифати капитулација“, истакна тој.
„Првиот удар врз енергетската инфраструктура се случи на 10 октомври 2022 година. Оттогаш постојано се бориме да го надоместиме сè што губиме“, рече тој.
Коментирajќи ги руските воздушни напади, Камењецки објасни дека нивната тактика се менувала. „Русите постојано ја менуваат тактиката на воздушните напади. Почнаа со дронови, потоа со балистички проектили, па со крстосувачки ракети, а потоа сфатија дека е најдобро да напаѓаат со сè одеднаш“, изјави тој, оценувајќи ја ситуацијата како прилично драматична.
На прашањето дали Украина возвраќа, тој одговори потврдно. „Тоа е всушност единствениот начин и луѓето во Русија да сфатат што е војна и која е нејзината цена. Мислам дека и Украина се обидува да ја примени истата тактика – да гаѓа цели како руската енергетска инфраструктура“, смета Камењецки.
За изјавата на Орбан дека Украина е непријател на Унгарија
Тој се осврна и на изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Унгарија веќе долго нема пријателски однос со Украина. Веројатно станува збор за историски комплекс што Унгарците го имаат кон сите соседи, не само кон нас. Тоа е проблем што се влече од минатото. Орбан го користи тој проблем за пред своите гласачи да се прикаже како заштитник на унгарските интереси и тоа веројатно му оди во прилог“, рече тој.
На крајот ги коментираше и преговорите во Абу Даби. „Што се однесува до преговорите во Абу Даби, постигнати се одредени резултати по помали прашања како размена на заробеници, но главното прашање за териториите останува нерешено“, заклучи Камењецки.
