Овој месец, просветните работници ќе добијат зголемување на платата од 5%, што е дел од четиригодишниот договор меѓу Владата и СОНК за континуиран раст на платите, зависен од инфлацијата, изјави министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во Собранието, одговарајќи на прашање од пратеничката Јованка Тренчевска.
Министерката Јаневска нагласи дека ова покачување е дел од можностите создадени во буџетот, иако недостигот на средства наследени од претходната Влада ги ограничиле средствата за зголемување на платите. „Недостигаа 1,5 милијарди денари за плати во високото образование и 900 милиони денари за основното и средното образование, кои моравме приоритетно да ги обезбедиме,“ изјави Јаневска, додавајќи дека исто така не беа исплатени бројни права за ученичкиот и студентскиот стандард.
Договорот кој ќе биде потпишан во февруари обезбедува загарантиран годишен раст на платите на наставниците, усогласен со инфлацијата, што министерката смета дека ги задоволува очекувањата на наставниците. „Тие ја гледаат новата Влада како партнер за работа и соработка, за разлика од претходната власт,“ додаде Јаневска, истакнувајќи дека изминативе четири месеци немаше штрајк на наставниците, освен обидот на СДСМ да организира протест во нивно име пред Министерството за образование и наука.