Претставници од 21 станица на шумската полиција од цела Македонија денеска се собраа пред Владата за да го изразат револтот поради донесената и неспроведена владина одлука за нивните барања за потпишување на колективниот договор за остварување на нивните права.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев Тодев нагласи дека на почетокот на 2018 година на седница на Владата била донесена одлука за потпишување на колективен договор со што би се решиле проблемите со кои досега се соочувала шумската полиција.
„Припадниците на шумската полиција немаат соодветна опрема за терен ги носат пиштолите во чорапи, во џебови, во чизми. Шумската полиција не добива по 20 проценти на плата, по основ овластување на шумски полицаец. Тоа е работа која Владата и министерот за земјоделство мора под итно да ја спроведат, бидејќи Законот за шумарство е дециден, кажува дека шумскиот полицаец е полициски службеник со овластување, истакна Делчев Тодев.
Изразија и незадоволство поради пресметките на нивните плати. Делчев Тодев посочи дека „се измислуваат“ правила со кои не им се плаќаат.