Национални протести организирани од двата најголеми синдикати во јавниот и приватниот сектор утре ќе ја блокираат Грција. Тие одбележуваат две години од трагичната несреќа во Темпе, во близина на градот Лариса, во која загинаа 57 лица, главно млади луѓе. Во над 250 градови во Грција и 48 во странство, луѓето им оддаваат почит на жртвите.
Работниците во сите сфери на јавниот живот штрајкуваат, вклучително и воздушниот, поморскиот и железничкиот транспорт. Автобусите и метрото во Атина ќе сообраќаат од 9:00 до 17:00 часот.
Над 5.000 полицајци, хеликоптери и полициски дронови ќе го надгледуваат редот и ќе спречат инциденти, вклучително и полицајци во цивилна облека.
Барањата на демонстрантите се побрзо напредување на случајот кој трае веќе две години, осуда на виновниците без разлика на функцијата што ја имаат и побезбедна железничка мрежа во Грција.
