Сеќавањето на деновите кога се создаваше македонската државност за новинарот Горан Михајловски не е само запис во старите новински архиви, туку и личен сведок на историјата за 35 години независност. Меѓу личните предмети што ги чува од тоа време — заедно со првите денари и првиот македонски Устав со потпис од претседателот Киро Глигоров, посебно место зазема првиот македонски пасош.
Додека пасошот со број 001 му припадна на првиот претседател Глигоров, пасошот со број 101 заврши во рацете на Михајловски. Како што се сеќава самиот, во тој период на неизвесност и градење на институциите од темел, упорно инсистирал кај тогашниот директор во службата за јавна безбедност, Павле Трајанов: „Кога ќе направиме пасош, сакам да имам пасош!“. Повикот дошол веднаш штом биле испечатени првите примероци, по што во полициската станица „Беко“ под камерите на Македонската телевизија му бил врачен документот, раскажува Михајловски во интервју за 4ТВ

Патувањето со тој синиот документ низ светот во раните деведесетти било истовремено гордост и вистинска авантура. Михајловски го направил своето прво патување со македонскиот пасош на Лондонската конференција за поранешна Југославија, следејќи ја државната делегација. Додека повеќето колеги сè уште патувале со југословенски исправи, тој веќе настапувал со новиот документ, предизвикувајќи чудење на аеродромите. Сепак, раѓањето на државата носело и сериозни пречки: на самитот на ОБСЕ во Португалија бил задржан на страна бидејќи земјата сè уште немаше меѓународно признавање, а за патување во САД американската виза му била издадена на посебен лист хартија прикрепен во пасошот, бидејќи Вашингтон тогаш сè уште официјално не ја признаваше патната исправа.
