Првиот познат случај на коронавирус е продавачка на пазарот во кинескиот град Вухан, а не сметководител кој немал никакви врски со пазарот, што ги покрена шпекулациите дека вирусот можеби протекол од лабораторија, се вели во ново американско истражување.
„Сметководителот, кој досега се сметаше за првата заразена личност, ги пријавил првите симптоми на 16 декември, односно неколку дена подоцна од првично познатото“, вели Мајкл Вороби, шефот на одделот за екологија и еволуциска биологија на Универзитетот на Аризона.
Меѓутоа, конфузијата ја предизвикал проблемот со забите кој сметководителот го имал на 8 декември, пренесува Ројтерс.
„Сепак, симптомите кај него се појавиле по повеќе случаи на пазарот Хуенан, со што една тамошна продавачка стана најраниот познат случај на коронавирус, со појава на болеста на 11 декември“, додава Вороби.
Според Вороби, најраните симптоматски случаи на коронавирусот се поврзуваат со пазарот, особено со западната секција, каде што имало затворени ракуни, што обезбедило силен доказ дека пандемијата потекнува од каде што се продаваат живи животни.
Заедничка студија на Кина и Светската здравствена организација ја отфрли теоријата дека вирусот потекнал од лабораторија, велејќи дека најверојатната хипотеза е дека бил пренесен на човек преку трговијата со диви животни. Тим предводен од СЗО помина четири недели во и околу Вухан и во извештајот од март заклучи дека вирусот најверојатно бил пренесен од лилјаци врз луѓето преку некое друго животно, но и дека се потребни дополнителни истражувања.