Првиот трансатлантски авион напојуван само со алтернативни горива ќе полета од Велика Британија во вторник наутро.
Тоа ќе биде лет на Вирџин Атлантик, а ќе полета од лондонскиот Хитроу до аеродромот ЏФК во Њујорк во 11:30 часот по локално време, јавува Скај њуз.
Авиокомпаниите го гледаат летот, кој е поддржан од владата, како демонстрација дека е можен позелен начин на летање.
Но, недостигот од снабдување со гориво останува предизвик, додека друга технологија ќе биде потребна за да се исполнат целите за намалување на емисиите.
Летот засега е единствен од ваков вид и нема да превезува стандардни патници.
Таканаречените одржливи горива за воздухопловство (SAF) може да се произведуваат од различни извори, вклучувајќи култури, отпад од домаќинството и масла за готвење.
За овој лет Боинг 787 ќе биде натоварен со 50 тони САФ. Се користат два вида, од кои 88 отсто се добиваат од отпадни масти, а остатокот од отпадот од производството на пченка во САД.
По тестирањето и анализата, летот беше одобрен од британскиот регулатор, Управата за цивилна авијација, претходно овој месец.
Во проектот се вклучени голем број компании, меѓу кои и производителот на мотори Ролс-Ројс и енергетскиот гигант Бритиш Петрол.
Авио-индустријата е особено тешко да се декарбонизира, но шефовите на авиокомпаниите го гледаат SAF како најефективната алатка достапна за намалување на нето емисиите на нула.
Авионите сè уште испуштаат јаглерод кога користат SAF, но индустријата вели дека „емисиите од животниот циклус“ на овие горива може да бидат до 70 проценти помали.