Претседателот Владимир Путин во петокот изјави дека во втората половина на следната година Русија би можела да распореди нова суперсонична ракета со среден дострел Оресник на територијата на рускиот сојузник Белорусија.
Неговата најава е одговор на барањето на белорускиот претседател Александар Лукашенко на самитот во Минск каде двајцата лидери потпишаа воен пакт.
Денеска Путин му рекол на Лукашенко дека Белорусија, која ја дели границата со членките на НАТО, Полска, Латвија и Литванија, ќе одреди цели за Орешниците распоредени на нејзина територија.
„Во однос на распоредувањето на тоа, искрено кажано, застрашувачко и зачудувачки оружје како Орешник, на територијата на Белорусија, можам да кажам дека со оглед на тоа што денеска потпишавме договор за безбедносни гаранции користејќи ги сите сили и средства кои ни стојат на располагање, верувам дека распоредувањето на таков систем на територијата на Република Белорусија е изводливо“, рече Путин.
„Мислам дека тоа ќе биде можно во втората половина на следната година, бидејќи сериското производство на овие системи се зголемува во Русија и кога тие ќе влезат во употреба со стратешките руски сили“, додаде Путин.
Минатиот месец Русија го испука „Орешник“ над украинскиот град Днипро, опишувајќи го како прво тестирање на оружјето во борбени услови.
Путин потоа рече дека Русија „тестирала еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел во борбени услови“ и додаде дека оваа хиперсонична ракета може да носи нуклеарни боеви глави и дека е невозможно да се пресретне.
Во петокот, двајцата претседатели склучија договор за меѓусебни безбедносни гаранции во Минск, по повод 25-годишнината од безграничната унија и сојузот меѓу двете поранешни советски републики.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека ова е „апсолутно реципрочна иницијатива и дека логиката на развојот на настаните ја диктира потребата од овој документ“.
Минатиот месец Путин ја промени нуклеарната доктрина која ги опишува заканите што ќе го принудат руското раководство да размисли за нуклеарен напад. Според ажурираната доктрина, Русија може да размисли за користење нуклеарно оружје доколку биде нападната со конвенционални ракети поддржани од нуклеарна сила, а исто така го продолжува рускиот нуклеарен чадор што ја покрива Белорусија.
Нуклеарното оружје беше повлечено од Белорусија по падот на СССР во 1991 година, но Путин минатата година таму распореди тактички нуклеарни проектили како одвраќање.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, во октомври рече дека за секоја употреба на руско нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде потребна негова лична согласност.