Катарската авиокомпанија Qatar Airways од септември ќе ги прекине летовите на релација Доха–Софија и ќе ја затвори својата канцеларија во Бугарија. Ова го соопшти заменик-претседателката на Асоцијацијата на бугарски туроператори и туристички агенции (АБТТА), Димитрина Горанова, за порталот „TravelNews“.
Со прекинот на работењето ќе биде отпуштен и локалниот персонал на компанијата.
„Ова е тежок удар за Бугарија, за нашата поврзаност со цела Азија, Африка и Австралија, како и за туристичкиот сектор“, изјави Горанова.
Qatar Airways е присутна на бугарскиот пазар повеќе од 15 години, а во најсилните периоди имала и до два дневни лета меѓу Доха и Софија.
Авиокомпанијата ги прекина летовите по почетокот на воениот конфликт на Блискиот Исток кон крајот на февруари, но од април постепено започна да ги обновува. Во системите за резервација сè уште биле достапни летови до Софија за крајот на 2026 и за 2027 година, но подоцна тие биле отстранети без официјално објаснување.
„Откако ги повлекоа летовите од системите, бевме информирани дека ја затвораат својата канцеларија и го прекинуваат работењето во Бугарија. Причини не беа наведени“, објасни Горанова.
Од бугарската канцеларија на Qatar Airways одбиле да коментираат и ги упатиле прашањата до централата на компанијата во Доха.
Според претставници на туристичкиот сектор, одлуката е поврзана со оптимизација на работењето на авиокомпанијата по кризата на Блискиот Исток, недостигот на авиони и послабиот интерес од азиските патници за Бугарија.
Претседателот на АБТТА, Петар Стојанов, предупреди дека губењето на директната воздушна врска со Доха веќе има сериозно влијание врз туристичкиот пазар.
„Пазарот се намали по прекинот на летовите на Qatar Airways. Во моментов најдобри можности се преку Turkish Airlines преку Истанбул и Fly Dubai преку Дубаи, но интересот за втората опција е слаб поради напнатата ситуација на Блискиот Исток“, рече Стојанов.
Тој додаде дека цените на билетите на Turkish Airlines веќе се зголемиле поради недостатокот на доволно алтернативи и повисоките трошоци за гориво.
Од АБТТА сметаат дека Бугарија треба итно да започне разговори за привлекување нови меѓународни авиопревозници. Како можен партнер ја посочуваат Etihad Airways од Абу Даби, која ја проширува својата глобална мрежа.
Интерес за бугарскиот пазар, според туристичкиот сектор, покажуваат и националните авиокомпании на Кина и Виетнам, но за воспоставување летови потребни се билатерални договори меѓу државите.
Од АБТТА најавија дека ќе испратат писма до Министерството за транспорт и Министерството за туризам со барање да започнат преговори со потенцијални авиокомпании.
Тие посочуваат дека добрата воздушна поврзаност е клучна за развојот на туризмот и бизнисот, а недостатокот на директни линии го отежнува патувањето кон Азија, Африка и Австралија.